речник контакт

Шер?федин Куртов, исполнувач на урбана ромска музика

„Али Баба и Шерафедин“, предводена од Куртов, негува музика во која доминира автентичен ромски фолк, со влијание од Блискиот Исток, а има и кубански звуци и мотиви од стариот дел на Велес.

Петар Печков

„Али Баба и Шерафедин“, предводена од Куртов, негува музика во која доминира автентичен ромски фолк, со влијание од Блискиот Исток, а има и кубански звуци и мотиви од стариот дел на Велес.

Младиот музичар од Велес Шерафедин Куртов со својот несекојдневен настап во културниот центар „Точка“ во петокот внесе свежина на македонската музичка сцена. Неговиот бенд „Али Баба и Шерафедин“ одржа концерт во рамките на манифестацијата „Филантропски шешир“. Во нивната музика доминира автентичен ромски фолк, со забележително влијание од Блискиот Исток, а има и кубански звуци и мотиви од стариот дел на Велес.

Куртов, иако доаѓа од центарот на Македонија, по своите сфаќања и музицирање е лоциран во центарот на светот. Неговата желба е да ги ослободи сите свои потенцијали и креативно да „експлодира“. Според своите погледи на светот и музички интереси, слободно може да се рече дека Шерафедин е македонскиот Ману Чао. На концертот покажаа дека се одлични музичари, кои ги владеат своите инструменти. Иако не знаат да читаат ноти, секој отсвирен звук извира од нивната душа.

Едноиполчасовниот концерт помина во убава атмосфера, но впечаток е дека нивната музика ќе дојде до поголем израз на стара улица или во некој поориентален објект.

Шерафедин потекнува од музичко семејство, а неговиот татко и дедо свиреле на ут. Воден од желбата да внесе нова свежина во музиката во Македонија, Шерафедин оформил сопствен бенд, во кој членуваат и Азат Мемедов на кларинет, Елам Мемедов на саксофон, Мавинд Мемедов на арапска тарабука и Ефтурум Мачев на виолина. Во нивниот звук е доминантна ромската музика, но има влијание од ориентот, проширен со звуци од европската музика.

- Акцентот е на музиката од Блискиот Исток, на звуците од Каиро, Ерусалим, Истанбул и од Дамаск, но, сепак, ода е ромската музика. Внесувам и кубански призвук, бидејќи чувствувам многу сличности помеѓу Ромите и Кубанците. Крајниот производ е вистинска циганска музика во онаа позитивна, романтична смисла - вели младиот 24-годишен Шерафедин, кој чувствува дека ова е само почеток и дека треба уште многу да работи на идејата и на звукот. Својата музика ја опишува како вистински урбан звук.

- Моите композиции се со урбана гето-музика. Ваквиот тип музика се свири во гетата на периферијата на градовите. Тоа е вистински урбан настан, без реклама, без најава. На некој начин тоа е природно урбана музика. Шерафедин е од ромското маало Карпа Мале и објаснува дека тоа е сосема поинаков свет од другиот дел на Велес.

- Мислам дека таквиот спој на контрасти се причина за мојата музичка инспирација. Велес има уникатна улична романтика и архитектура со стотици сокаци. Иако живеам во Велес, се чувствувам како граѓанин на светот - вели младиот Куртов. Освен на ут, тој свири и на гитара и на клавир, а пред две недели настапил во Велес, со соло-концерт на тие два инструмента.

- Чувствувам дека имам инспирација за многу поголема публика. Ваквата ориентална музика е многу популарна на Запад. Искрено, посакувам да имам подобри услови, бидејќи планирам да направам нешто повеќе. Потребна ми е шанса да можам музички и креативно да експлодирам - истакнува Шерафедин.

Тој не се плаши да тргне во поход низ европските градови, но го мачат економските и политичките пречки, а особено визните ограничувања.

- Би сакал да можам да прошетам повеќе. Ме загрижува тоа што се понижуваме и си создаваме претстава дека не сме доволно вредни. Не се плашам да свирам во Лондон, во Париз или каде било, бидејќи не верувам дека тие луѓе се поинакви од нас, ниту дека знаат нешто повеќе - вели Шерафедин.

За себе вели дека е вистински уличен музичар и дека колку и да настапува во затворени сали или културни објекти неговата музика произлегува од болката на животот на улицата.

- Тешко е кога имаш само два денара во џебот, а знаеш дека создаваш убава музика. Можеби звукот се\' уште не е прифатен од домашната публика, бидејќи медиумите ја уништуваат македонската младина со создавањето и промовирањето кич-култура. Таквото труење ја уништува слободата на избор на младите луѓе. Овој млад талентиран музичар се надева дека во иднина ќе создава филмска или театарска музика, а најмногу својата инспирација да ја претвори во музика за документарни филмови.

Извор: Дневник

АНКЕТА »

Дали ФК Борец ќе го мине баражот и од есен ќе игра во Втората фудбалска лига?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »